Од 20 до 23 јуни, во Парк Македонија – Општина Кисела Вода се одржа 3-то издание на Фестивалот на инклузија, креирајќи ненадминлива позитивна енергија, поддршка и заедништво.
3. Фестивал на инклузија, организиран од Здружението Икуалити, во соработка со организацијата „Визија Плус“, а поддржан од Општина Кисела Вода, храбро и истрајно ја потврди својата основна мисија дека секој еден од нас умее и може, со вистинска поддршка и љубов од околината.
Третото издание на Фестивалот на инклузија ги разбуди најдлабоките емоции, ги ангажираше и вклучи сите генерации, инспирираше преку музиката, мотивираше преку заедничките и интегративни дружења, создаде незаборавни спортски доживувања, понуди филмско уживање и уште еднаш докажа дека со цел да стигнеме поблиску до целта - рушење на бариерите и создавање на отворено општество
Гере Трипков - Здружение Икуалити
Свеченото отворање на фестивалот започна на 20 јуни со настап на инклузивниот бенд на дечиња од училиштето „Димитар Влахов“ со оштетен вид, под водство на професорот Кристијан Тасевски и со настапот на пијанистката Ема Ананиевска, кои гордо ја претставуваат заедницата на лица со попречености.
За прв пат од оваа година, Здружението Икуалити започна и со доделување на наградите „Шампиони на инклузија“ за оние чија општествена и лична одговорност вистински и директно допринесува кон зајакнување на процесот на социјалната инклузија. Оваа година првите награди беа доделени во следните категории: Шампион на инклузија – амбасадор: Дејвид Гир, Шампион на инклузија – градоначалник: Орце Ѓорѓиевски, Шампион на инклузија – јавна личност: Ирена Спировска, Шампион на инклузија – лице со попреченост и организација: Ирена Поповска и организацијата „Пркос“, Шампион на инклузија – општествено одговорна компанија: КБ Прво пензиско друштво.
На официјалното отворање беше објавен повикот за најдобра инклузивна фестивалска фотографија „Сликни инклузија“, во рамки на кој сите имаа можност да ги забележат и објават магичните фестивалски моменти и на тој начин да учествуваат и освојат вредна награда.
Во изложбата „Заедно МОЖЕМЕ“ учествуваа 65 детски цртежи, подготвени од креативните рачиња на децата од општинските основни училишта од Кисела Вода, а истите беа доказ дека нашите различности не прават посебни и прекрасни. Трите награди ги понесоа: Јелена Кајевска (V-5 одделение) од ООУ „Круме Кепески“, Дарко Станојевски (VI-2 одделение) од ООУ „Климент Охридски“ и Марија Миленковска (V-5 одделение) од ООУ „Круме Кепески“.
Вториот фестивалски ден, 21 јуни, беше наменет за негување на креативниот дух, забава, спортување и споделување на љубов. Во утринската програма се одржаа првиот дел на работилниците „Од отпад до украс“ и „Ние сме супер-херои“, во соработка со Специјалното училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, како и спортската работилница „Испробај се – кошарка во колички“, која посетителите со нетрпение ја очекуваа за да се испробаат во најдинамичниот и најпопуларен спорт за лица со попречености во специјални спортски колички.
Вечерната програма започна со проекции во Киноверзум на шест интернационално наградени филмови – кои беа прикажани благодарение на соработката на Здружението Икуалити со филмскиот фестивал „Ухвати филм“ од Нови Сад, Србија. Посетителите уживаа во селекцијата на филмови со инспиративни содржини со моќна порака – за отвореност, срдечност, љубезност и разбирање. Незаборавно вечерно музичко доживување приредија магичната Зарина Првасевда и младата инспиративна и талентирана Дина Јашари, заокружена со фантастичниот сет на ДЏ Џон Антонио.
Третиот ден, 22 јуни, во утринската програма се одржа вториот дел на креативните инклузивни работилници „Од отпад до украс“ и „Ние сме супер-херои“ со учесници од Заводот за рехабилитација за деца и младинци. Во попладневните часови кошаркарите во колички од Wheelchair Basketball Macedonia, заедно со неколку млади лица без попреченост изиграа интересен меч во кошарка со колички. Веднаш потоа следуваше танцовата инклузивна и инспиративна претстава „Сеќавања“, во изведба на танцовото студио „Еурека“ со учество на 30-тина деца и млади со и без попреченост. Вечерта продолжи со музичкиот моќен времеплов низ кој не водеа Нина Јанева и бендот.
Поради нестабилните временски услови, вечерната програма од последниот 4. ден, 23 јуни, односно дебатата на тема „Креираме инклузија и интеграција преку меѓусебна поддршка“ и настапот на ДЏ Мартин Делимитов ги одложивме за во блиска иднина.
Третото издание на Фестивалот на инклузија ги разбуди најдлабоките емоции, ги ангажираше и вклучи сите генерации, инспирираше преку музиката, мотивираше преку заедничките и интегративни дружења, создаде незаборавни спортски доживувања, понуди филмско уживање и уште еднаш докажа дека со цел да стигнеме поблиску до целта – рушење на бариерите и создавање на отворено општество во кое сите сме едно – потребна е отворена комуникација, поддршка, разбирање и споделување љубов.
Во прилог ФОТО-галеријата, авторство на Фросе Левковска.

