Од 4 до 20 јуни, Скопје повторно станува отворена сцена за креативност, себе-експлорација и поинакви урбани доживувања.
Петтото издание на Инфјужн – Фестивал на инклузија започнува на 4 јуни и носи програма која не го третира општествениот дискурс како тема за дискусија, туку како искуство што се живее: преку уметност, музика, движење, игра, нови технологии, дружба и јавен простор што им припаѓа на сите.
Оваа јубилејна година Инфјужн го отвора градот за сите генерации и сетила. Фестивалот започнува со работилница за креативно везење и шиење во соработка со Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“, продолжува во Музејот на современата уметност со водена посета со знаковно толкување и активноста „Погледни низ моите очи“ – проекција на различни оштетувања на видот.
Кулминацијата на отворањето ќе се случи на 6 јуни со „Марш на исклучените“, не како обична прошетка, туку симболично и моќно движење во поддршка за слободни, безбедни и пристапни простори — за пешаци, велосипедисти, родители со колички, лица со попреченост, млади, повозрасни и сите кои веруваат дека јавниот простор треба да биде простор за сите. Со почетна точка во 10:00 часот од пред Владата на РСМ, покрај Град Скопје и финиш на Летната сцена – Лепеза во Градски парк. Секој марш заслужува одлични вибрации, па од 12:00 до 16:00 часот следува забава со Диџеј Фичо, музички гости, кафе-дружење, гејминг, VR и друштвени игри.
„Инфјужн не е фестивал кој само зборува за инклузија. Тој создава ситуации во кои луѓето се среќаваат, учат едни од други, пробуваат нови искуства и го гледаат градот од друга перспектива. Нашата мисија е едноставна: културата, уметноста и јавниот простор да бидат достапни, живи и отворени за сите“, порачуваат од Здружението Икуалити, организатор на фестивалот.
Следната сабота, на 13 јуни, просторот околу Летната сцена – Лепеза во Градскиот парк ќе се претвори во целодневна фестивалска зона: утринска јога, „Тивки дружби“ – интегративна работилница за невербална комуникација, базар на креативци, street art работилница, активности за асистивна технологија, Брајово писмо и симулации на оштетувања на видот, доделување на наградите „Шампиони на инклузија“ и вечерна музичка програма со млади артисти и бендови.
Фестивалската приказна продолжува и на 20 јуни со „Три света, плус еден“ – движечка претстава на 3 локации низ Градски парк, која преку театар, градски простор и учество на професионални глумци и лица со попреченост ја отвора темата за пристапноста во секојдневниот живот.
Инфјужн е повеќе од фестивал. Тоа е простор во кој сите имаат место
Петтото издание на Инфјужн ја носи пораката дека пристапноста не е технички додаток, туку култура на живеење. Таа почнува од тоа како се движиме, како комуницираме, како создаваме и како го споделуваме просторот. Организаторите ги повикува сите граѓани да дојдат, да учествуваат, да поддржат, да се забавуваат и да бидат дел од едно поотворено, посолидарно и покул Скопје.
Клучни датуми:
04.06 – Работилница за креативно везење и шиење
05.06 – „Искуси уметност“ во МСУ со знаковно толкување и „Погледни низ моите очи“
06.06 – „Марш на исклучените“, забава со Диџеј Фичо, гејминг, VR и друштвени игри
13.06 – Јога, Тивки дружби, базар, street art, Брајово писмо, асистивна технологија, награди и музичка програма
20.06 – „Три света, плус еден“ – движечка претстава за пристапноста во градот (со пријавување)
Поврзете се и очекувајте фантастична незаборавна магија: instagram.com/infusion.fest

